Нашата драга пријателка Лана и овој пат ни приреди пријатно изненадување! Прекрасниот солен ролат од спанаќ го најдовме на нејзината страница Kuhinjica Mignone. Рецептот е одлично опишан, па многу лесно ќе може да го направи секој кој обожава убави нешта. Што друго би можеле да речиме, освен вкусно и симпатично предјадење кое ќе ве натера да го пробате веднаш штом го здогледате!
Состојки:
За ролат (еден поголем или 2 помали):
- 500 гр спанаќ
- 80 гр маргарин
- 80 гр брашно
- 4 дл млеко
- 1 лажичка сол
- 5 јајца.
За фил:
- 300 гр полномасно сирење
- 300 гр шунка
- 2-3 лажици кисела павлака
- 2-3 кисели краставички.
Подготовка:
- Спанаќот исчистете го од дршките и кратко избланширајте го. Исцедете го и ситно исечкајте го.
- Во тава за пржење растопете го маргаринот и во него малку пропржете го брашното, па додајте го исечканиот спанаќ и посолете.
- Полека додавајте го млекото и постојано мешајте за да не се формираат грутчиња. Варете неколку минути додека смесата се згусне убаво како пудинг. Тргнете го од ринглата и оставете потполно да се излади.
- Во изладената смеса додајте ги жолчките и измиксирајте ги, а белките ставете ги во одделен сад и изматете ги во цврст снег.
- На крајот, внимателно соединете и ги и ставете да се печи во претходно подготвен плех, обложен со масна хартија за печење. Доколку сакате да направите 2 помали ролати, смесата поделете ја на два дела и така печете ја. Се пече во загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути доколку е голем ролат, или околу 15 минути ако правите мал ролат.
- Готовата кора ставете ја врз влажна крпа и завиткајте ја во ролна. Оставете ја така додека потполно се излади.
- Така припремената кора е спремна за филот. Со помош на вилушка иситнете го сирењето, па измешајте го со ситно сечканите шунка и краставички. Потоа додајте ја киселата павлака и убаво измешајте за добро да се поврзат состојките.
- Отворете ја изладената кора, премачкајте ја со филот и повторно завиткајте ја во ролат. Готовиот солен ролат од спанќ оставете го да стои неколку часа во ладилник за убаво да се стегне, а потоа послужете се.
На здравје!