Унгарски гулаш со кнедли

Овој пат кулинарски патуваме и ја истражуваме унгарската кујна! – Едно од најпопуларните јадења е вкусниот унгарски гулаш. Пронајдовме супер рецепт на Инстаграм профилот на Сика, па го споделуваме и ви го препорачуваме да го испробате во првата погодна прилика.

„Секој кој бил во Унгарија сигурно пробал од познатиот унгарски гулаш. Гулашот е традиционално јадење кое го служат во секое време од денот. Во различните делови на Унгарија има варијации во подготовката, но главната состојка на ова национално јадење е мелениот црвен пипер. Ние подготвивме гулаш по унгарски рецепт, но со македонски мелен црвен пипер. Вкусот е богат, мирисот неверојатен, а бојата интензивна. Лесен е за подготовка, околу 10 минути, но потребно е подолго време да се крчка“ – велат од Сика.

унгарски гулаш со кнедли

Состојки:

  • 800 г јунешко месо
  • 2 главици ситно сечкан кромид
  • 2 чешниња ситно сечкан лук
  • 1 ситно сечкан морков
  • 100 г свежи пиперки сечкани на коцки
  • 300 мл доматен сок – пасирани домати
  • 1 чаша вода
  • 2 големи лажици мелен црвен пипер Сика
  • 1 голема лажица сушен зеленчук Сика
  • магдонос
  • црн пипер и сол по вкус
  • масло по потреба.

За кнедлите:

  • 1 кг компири
  • 4 кришки стар леб
  • 2 лажици путер
  • 180 г густин (нишесте)
  • 2 јајца
  • 1 лажичка сол.

Подготовка:

  1. Започнете со подготовка на кнедлите. Компирите измијте и ставете ги во тенџере да се варат. Варените компири оставете ги да се изладат кратко, а потоа отстранете ја кората. Поминете ги со преса или згмечете ги со алатка за пире (немојте да ги пасирате). Оставете ги да се изладат целосно, за време од неколку часа или преку ноќ.
  2. Месото исечете го на коцки. Во подлабока тава или тенџере, на средна температура ставете масло да се загрее. Во загреаното масло додајте ги ситно сечканите кромид и лук. Пропржете 2-3 минути за да поруменат, а потоа додајте го месото. Кратко пропржете и додајте ги мелениот црвен пипер Сика и сушениот зеленчук Сика.
  3. Во тавата додајте ги и пасираните домати и водата. Тавата поклопете ја со капак и оставете го јадењето да се вари на тивок оган за време од 1 час и 30 минути.
  4. Потоа во тавата додајте ги сечканите моркови и пиперките. Продолжете со варењето уште 30-тина минути. Гулашот е готов кога месото е меко.
  5. Додека гулашот се вари, продолжете со подготовка на кнедлите.
  6. Лебот исечете го на коцки. Во тава на оган, на средна температура ставете го путерот да се растопи. Додајте ги коцките леб и пропржете ги со постојано мешање додека добијат румена боја. Крутоните извадете ги од тавата и оставете ги да се изладат.
  7. Во длабок сад ставете ги компирите, јајцата, густинот и зачинете со сол. Измешајте за да се соединат состојките. Ако смесата е многу течна додајте густин.
  8. Од смесата формирајте кнедли, а во средината ставете неколку крутони.
  9. Во поголемо тенџере на оган ставете 3 литри вода да се вари. Посолете и оставете ја водата да зоврие, а потоа намалете ја температурата. Кнедлите додајте ги во врелата вода и варете ги за време од 20 минути.
  10. Варените кнедли извадете ги со решеткаста лажица и послужете ги додека се топли во комбинација со вкусниот унгарски гулаш. Уживајте во готвењето со зачините на Сика!
унгарски гулаш

Совети плус:

  • Кнедлите можете да ги направите помали или поголеми по желба. Формирајте ги со влажни или набрашнети раце.
  • За да проверите дали смесата за кнедли е добра и нема да се распаѓаат при варењето, направете мал тест. Формирајте мала кнедла и ставете ја во врелата вода, ако почне да се распаѓа, додајте уште густин во смесата.
  • Ако ви се допаѓа рецептот, следете ги Сика на нивниот Инстаграм профил – @sika spices и Facebook фан страница.

Ви препорачуваме да прочитате: 3 креативни рецепти: касерола, крцкави копани и корн дог.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран текст.

Сподели: