За појадок, ужина или кога ви се каснува нешто благо, послужете се со домашен џем од смокви. Смоквите ги има на пазарите, па време е да се засладиме со најубавите рецепти.
Рецептот за ароматичниот џем од смокви со рум и ванила ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Лана, која го објави на блогот Kuhinjica Mignone. Наведените состојки се доволни за една тегла со џем, а ако сте обожавател на домашни мармалади и џемови, слободно зголемете ја количината на состојките.

Состојки:
- 500 грама свежи смокви
- 100 грама шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- лимон
- 2 мали лажици рум
- 50 мл вода.
Подготовка:
- Смоквите измијте ги, скинете ги дршките и исечете ги на половина или четвртина (по желба може да ги сомелете).
- Посипете ги со шеќер и додајте малку вода. Ставете ги во тенџере на оган на јака температура и варете ги за време од десетина минути. Потоа намалете ја температурата и продолжете со варењето, до посакуваната густина за време од 30 до 40 минути.
- Лимонот исечете го на кругови.
- На крајот од варењето, во тенџерето додајте два до три кругови лимон и малку рум за убава арома. По желба може да додадете и рендана кора од портокал.
- Готовиот џем од смокви ставете го во загреани (стерилизирани) тегли и затворевте го со капак. Теглите чувајте ги на ладно место. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Домашен мармалад од смокви.