Запечено посно компир пире со фил од спанаќ

Толку убаво изгледа, што веднаш ќе посакате да го пробате! Рецептот за запеченото посно компир пире со фил од спанаќ ни доаѓа од кујната на Невена.

Одличен е како предлог за време на пости, за вегетаријанци, но и кога ви се каснува нешто поздраво и лесно. И што е најважно, подготовката е многу едноставна.

посно компир пире

Состојки:

  • 1½ кг компири
  • 3 рамни лажици брашно
  • зачини по вкус: сол, црн пипер, мешан сув зачин, рендано морско оревче.

Фил од спанаќ:

  • 500 гр спанаќ
  • 1 голем морков
  • 2 средни млади кромидчиња
  • 1 чаша (од 150 мл) ориз
  • 7-8 лажици масло
  • по вкус сол, црн пипер, мешан сув зачин
  • по потреба сусам и ленено семе
  • по потреба маргарин и лебни трошки за мачкање на тавата.

Подготовка:

  1. Компирите сварете ги со лушпата да омекнат. Оставете ги да оладат и излупете ги. Потоа изрендајте ги и изгмечете ги со алатка за пире. Додајте ги зачините по вкус и брашното. Измешајте да се изедначи смесата.
  2. Спанаќот исчистен и измиен, обарете го во зовриена и посолена вода. Потоа исцедете го и исецкајте го.
  3. Оризот сварете го во вода да омекне, потоа исцедете го.
  4. Морковот изрендајте го, а младото кромидче исечкајте го на ситно. Пропржете ги во тава на оган со загреано маслото, а потоа додајте ги спанаќот, оризот и зачините по вкус. Убаво измешајте.
  5. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.
  6. Тава за печење намачкајте ја со маргарин или масло и посипете ја со лебни трошки.
  7. Ставете половина од пирето и израмнете го со намрсена лажица.
  8. Ставете го целиот фил и израмнете го, а одозгора останатото пире и израмнете. Попрскајте го со масло и посипете со сусам и ленено семе.
  9. Ставете го да се запече 30 – 40 минути.
  10. Готовото запечено посно компир пире со фил од спанаќ послужете го топло со салата по желба.

Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.

Ви предлагаме да прочитате: 9 лесни и посни рецепти со компири.

Сподели: