Посна салата со компири и кромид

Да, токму оваа салата со компири и кромид е онаа традиционална која често се служи со риба за време на пости. Не дека едноставно се приготвува, туку нејзиниот вкус кој се предава од генерација на генерација е доволен мотив да го споделиме рецептот за да остане во архива и да биде лесно достапен за сите.

За да добиете највкусна салата ви предлагаме да користите црвени компири кои помалку се распаѓаат при варењето. А плус тоа може да бидете и креативни. Доколку не постите, во салата додајте туна, варени јајца, мајонез…

салата со компири и кромид

Состојки:

  • 5 до 6 поголеми компири
  • 1 главица кромид
  • 1 лимон по желба
  • 2 лажици киселина
  • 4 лажици масло
  • сол и црн пипер по вкус
  • ситно сечкан магдонос или други зачини
  • маслинки по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво треба да ги сварите компирите. Тоа може да го направите на два начини во зависност од тоа колку време имате на располагање. Ако имате повеќе време, измијте ги добро, па ставете ги со се кора да се варат во тенџере на оган.
  2. Штом компирите се сварени, излупете ги и исечете ги на коцки или кругови.
  3. Ако се брзате и не ви смета дека компирите се малку распаднати со мешањето, може да ги излупете, исечете на коцки и да ги сварите. Било и кој начин да го изберете салата ќе биде вкусна. Можеби добро е да знаете како може најбрзо да приготвите варени компири.
  4. Варените компири оставете ги да се изладат.
  5. Кромидот излупете ги и исечете го на мали коцки или кришки. Ставете го во длабока чинија и зачинете го со мелен црн пипер, сол, сок од лимон, киселина и масло. Доколку немате лимон на располагање, ставете повеќе киселина. Оставете го кромидот со зачините додека се варат компирите.
  6. Варените компири и маслинките додајте ги во чинијата со кромидот и кратко измешајте. По потреба додајте уште сол, црн пипер или киселина. Изладената салата со компири и кромид послужете ја со риба или морска храна по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Салата со компири, кромид и сирење.

Сподели: