Вкусно, посно, нискокалорично, без глутен и здраво! И овој пат Невена ни испрати прекрасен рецепт за вегетаријански намаз од зеленчук, кој не содржи конзерванси, брашно и други адитиви.
Намазот од зеленчук содржи мал број на калории, а богат е со растителни влакна, што го прави идеална храна за сите кои сакаат да ја намалат телесната тежина, холестеролот, покачениот крвен притисок и да го подобрат варењето на храната. Ние ви предлагаме намазот да го послужете со интегрално лепче и сирење. Внимавајте на здравјето на вашата фамилија и припремете го овој вкусен витамински намаз од зеленчук!

Состојки:
- 1 модар патлиџан
- 1 тиквичка
- 1 главица кромид
- 1 морков
- 2 црвени пиперки
- 2 домати
- 2 чешниња лук
- 1/2 лажиче мајчина душица
- прстофат мајоран
- по потреба сол и масло
Подготовка:
- Модриот патлиџан, тиквичката, кромидот, морковот, пиперките, доматите, лукот измијте ги и исечкајте ги на помали парчиња. Исечканиот зеленчук ставете го во тава, додајте ги зачините, солта, попрскајте го со масло и измешајте го.
- Тавата со зеленчук ставете ја да се печи во загреена рерна на 180-200 степени. Печете за време од 1 час додека да омекне зеленчукот. Повремено измешајте го зеленчукот во тавата за да не загорат горните парчиња.
- Печениот зеленчук оставете го да излади, а потоа ставете го во блендер. Миксирајте за да се добие изедначена мазна смеса. По потреба во намазот додајте и сол. Вака добиениот намаз од зеленчук послужете го со лепче, сирење, а може да го искористите и како сос за тестенини.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска