Мусака од компири со мелено месо

Ова е омиленото традиционално македонско јадење на многумина! Вкусната мусака претставува јадење кое се приготвува со компири или модри патлиџани, во комбинација со мелено месо, а традиционално се припрема во земјите од поранешната отоманска империја.

Постојат голем број на различни варијации кои се приготвуваат насекаде во светот, а ние ви го претставуваме рецептот за мусака од компири со мелено месо кој го приготвивме во нашата кујна.

мусака

Состојки:

  • 8 поголеми компири
  • 500 грама мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 5 јајца
  • 1 мала лажичка црвена пипер
  • сол по вкус
  • црн пипер по вкус
  • масло по потреба
  • млака вода по потреба.

Подготовка:

  1. Кромидот ситно исечкајте го или изрендајте го по желба. Во тава на оган, на средна температура ставете масло да се загрее. Во загреаното масло ставете го кромидот да се пропржи. Штом кромидот добие златеста боја, во тавата додајте го меленото месо. Пропржете го месото додека добие кафеава боја.
  2. Потоа, тргнете ја тавата од огнот, додајте ја лажичката црвена пипер, посолете по вкус и наросете мелен црн пипер. Измешајте за да се соединат состојките.
  3. Компирите излупете ги, измијте ги и исечете ги на кругови со дебелина од 3 до 4 милиметри.
  4. Во правоаголна тава со големина број 40, наредете ги круговите компири. Врз компирите распоредете го прженото мелено месо. Врз месото наредете ги преостанатите компири.
  5. Во тавата ја налеваме млаката вода до висината на компирите и ставаме да се пече во загреана рерна на 220 степени за време од 45 минути.
  6. Јајцата ги ставаме во длабока чинија и ги матиме со виљушка.
  7. Штом компирите омекнат и се запечат по површината, ја вадиме тавата од рерната. Во тавата ги додаваме матените јајца и ги распоредуваме по целата површина. Тавата ја враќаме во рерната и продолжуваме со печењето дополнителни 10 до 15 минути, додека јајцата се запечат.
  8. Печената мусака ја вадиме од рерната и сервираме додека е топла. На здравје!

Ви предлагаме да погледнете како може да направите печени компири со лук и рузмарин.

Сподели: