Кој може да поверува дека ова вкусно јадење е посно, не содржи глутен и е вегетаријанско? Сликата кажува се, а на нас ни останува во првата прилика да го пробаме рецептот за овој вкусен ориз со сос од печурки и тофу сирење.
Овој креативен рецепт ни доаѓа на предлог од Невена, на која многу и се заблагодаруваме за одличната идеја. Наведените состојки во рецептот се доволни за 4 порции, а по потреба намалете ја или зголемете ја количината на состојките.

Состојки:
- 1 чаша од 250 гр ориз
- ½ мала главица кромид
- 3 чаши или по потреба вода
- по вкус сол, мелен црн пипер и мешан сув зачин.
За сосот:
- 250 гр свежи шампињони
- ½ мала главица кромид
- 12 полни лажици доматен сос
- 10 маслинки без семка
- 2 лажички капари
- 1 лажиче оригано
- 4 -5 лажици маслиново масло.
За сирењето:
- 250 гр тофу сирење
- 2 лажици маслиново масло
- 2 лажици јаболкова киселина
- 2 лажици соја сос.
Подготовка:
- Тофу сирењето исечете го на коцки од 2 см. Маслото, киселината и соја сосот измешајте ги во една чинија и ставете го сирењето. Оставете го да се маринира најмалку 30 минути и притоа мешајте го за да прими од сите страни.
- Потоа, подгответе го сосот од печурките. Шампињоните исечете ги на тенки ливчиња.
- Кромидот ситно исечкајте го и малку пропржете го во тава со маслиново масло. Додајте ги печурките, измешајте и оставете ги да се динстаат додека течноста им испари. Потоа додајте го доматниот сос, маслинките исечени на тркалца, каперите и ориганото. Оставете ги да поварат неколку минути колку да се спои вкусот. Ако е потребно додајте и сол. Тргнете го на страна и на топло и подгответе го оризот.
- Кромидот ситно исечкајте го и со оризот пропржете ги во тенџере со маслиновото масло. Додајте ја водата и зачините по вкус и оставете го да вари, да испари течноста.
- Додека се вари оризот, тофу сирењето малку пропржете го во тава со малку масло, колку да добие боја.
- Во 4 чинии ставете од оризот, над него од сосот од печурки, по неколку коцки сирење и послужете додека јадењето е топло. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Ориз со кремаст сос од печурки и вино.