Ако сакате да каснете нешто здраво и брзо за припрема ви предлагаме да го пробате рецептот за посен ориз со спанаќ и лимон. Посниот ориз со спанаќ брзо се припрема, а може да го послужите како главно јадење за време на пости или како прилог.
Рецептот е нискокалоричен, изобилува со растителни влакна, не содржи животински производи и глутен, па затоа го препорачуваме за вегетаријанци, за сите кои се хранат здраво, сакаат да ја намалат телесната тежина и лица кои практикуваат исхрана без глутен.

Состојки:
- 200 гр ориз
- 250 гр свеж спанаќ (во замена може да користите замрзнат спанаќ)
- 1 главица ситно сечкан кромид
- 2 чешниња ситно сечкан лук
- 1/2 лажичка куркума
- 1 лимон (само сокот)
- по потреба топла вода
- по потреба маслиново масло, мешан сув зачин, црн пипер.
Подготовка:
- Во тава на оган ставете маслиново масло да се загрее. Додајте ги сечканиот кромид и лук и пржете додека омекнат.
- Потоа во тавата додајте го оризот и пржете за време од 3 до 4 минути.
- Во тавата додајте го спанаќот исечкан на мали парчиња и пропржете го 1 минута, а потоа налејте 3 мали чаши топла вода, зачинете со куркума, мешан сув зачин и црн пипер.
Промешајте и во текот на готвењето постепено додавајте топла вода по потреба. - При крај додајте го сокот од исцедениот лимон. Приготвениот посен ориз со спанаќ и лимон послужете го додека е топол.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска