Превкусниот ѓувеч со свинско месо е старинска тава која може да се направи на 2 начини, со претходно пржење на зеленчукот, па печење или директно во тава, па печење. „Секако на сите ни одговара втората варијанта, ем побрзо, ем поздраво, а вкусот е тој, истиот, во главно… Единствено го пржам месото.“ – ни посочи Весна.
„Некои зеленчуци ги има преку целата година, а некои ќе ги замрзниме за да можеме да ги користиме постојано, не само кога им е сезоната. Ѓувечот го правам многу често, зависи што имам во фрижидер тоа ставам, а бамја и модар патлиџан обавезно. Преубава тава, рапсодија од вкусови и бои!“ – додаде Весна.
Состојки:
- 400 гр свинско месо
- малку чадена сланина
- 1 кромид
- неколку пиперки
- 1-2 моркови
- 1 модар патлиџан
- 1 тиквичка
- 2-3 компири
- малку зелка
- неколку домати
- неколку бамји
- лук
- сол, црвен пипер, црн пипер, сушен зачин, по вкус
- магдонос по вкус
- маслиново масло.
Подготовка:
- Месото исечете го на коцки, а сланинката исто така. Ставете ги да се пржат во маслиново или друго масло по желба.
- Додека се пржат, исечете го целиот зеленчук на коцки (парчиња).
- Исечканиот зеленчук ставете го во длабока тава за печење, а најдобро земјена тава.
- Додајте го прженото месо, зачинете и убаво измешајте. Може да додадете и малку вода во која претходно сте размешале малку брашно, а по желба и дополителна количина масло.
- Печете на пониска температура околу 1 час и 30 минути. Од почеток тавата може да биде покриена, тоа ќе помогне за побрзо да се направи, а потоа треба да ја отворите за да се „зацрви“ одозгора.
Нека ви е на здравје!
Рецептот го испратил: Весна Рор, Со љубов за вас.
Ви препорачуваме да прочитате: Семејна тава со свинско месо.