домашен ладен чај

Домашен ладен чај со ѓумбир, мед и нане

Здравје и освежување во летните денови! А подобар начин да се изладите и да внесете минерали и лековити состојки во организмот од домашен ладен чај, верувајте дека нема.

Познато е дека ѓумбирот, нането, медот и ројбос чајот се многу лековити, па затоа ви предлагаме една интересна комбинација за ладен чај. Ѓумбирот содржи магнезиум, хром и цинк кои го подобруваат протокот на крвта во телото, а исто така корисен е за намалување на покачена температура и прекумерно потење. Покрај тоа, го зајакнува имунитетот и превенира канцер на дебелото црево.

Нането има голема употреба за здравствени и медицински цели. Тоа се употребува за лекување на настинка, смирување на воспаленија и при дигестивни проблеми. Главната активна состојка на нането е ментол, кој предизвикува чувство на ладење во устата или на кожата. Нането ги содржи витамините А, Ц и голем број минерали.

Медот е познат како единствена нерасиплива храна, која само може да го смени својот облик и од течна да премине во кристална форма, но не и да се расипи. Тоа е одлика само за вкусниот и многу здрав мед, кој бил употребуван како природен засладувач уште во праисторијата, долго пред шеќерот да стане широко достапен во XVI век. Се надеваме дека наведовме доволно број на причини и ве убедивме уште денес да го направите овој ладен чај.

домашен ладен чај

Состојки:

  • 4 кесички ројбос чај
  • 1 литар вода
  • Околу 3 см парче ѓумбир, излупен и ситно исечкан
  • Кора и сок од 1 лимон
  • Една рака свежи листови од нане
  • 2 лажици мед
  • Парчиња лимон и нане за декорација.

Подготовка:

  1. Водата ставете ја во сад на оган. Кога водата ќе зоврие, садот тргнете го од оган, додајте ги кесичките чај и поклопете го садот.
  2. Додека чајот е топол, додајте ги ѓумбирот, нането и кората од лимон. Оставете чајот да се излади.
  3. Кога чајот е млак, извадете ги ќесичките чај, а потоа додајте го медот, сокот од лимон и измешајте. Доколку сакате посилен вкус, оставете ги нането, ѓумбирот и кората од лимон, а во спротивен случај извадете ги.
  4. Чајот ставете го во ладилник. Домашниот ладен чај со ѓумбир послужете го со коцки мраз. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Освежителен тоник од лимон и ѓумбир.

Сподели: