Карфиол е многу здрав зеленчук и може да се консумира на различни начини. Можеби досега сте правеле салата или сте го јаделе свеж, а сега е време да пробате нешто ново. Нашата читателка Елена, ни испрати рецепт за мусака од карфиол.
Па, доколку сакате да експериментирате со нови вкусови и да приготвувате интересни јадења, еве прилика за вас. Пробајте ја оваа мусака од карфиол, а ако ви се допадне споделете го рецептот со вашите пријателки.

Состојки:
- 350 гр мелено месо
- 800 гр карфиол
- 1 главица кромид
- 100 гр ориз
- млеко по потреба
- 4-5 јајца
- сол и мелен црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Кромидот ситно исечкајте го.
- Во тава на оган, на умерена температура ставете малку масло да се загрее. Во загреаното масло додајте го ситно сечканиот кромид. Пржете го со континуирано дека омекне и добие златеста боја.
- Во тавата додајте го меленото месо и зачинете со сол и мелен црн пипер. Со постојано мешање пропржете го месото. Штом месото добие кафеава боја додајте го оризот и измешајте.
- Потоа, тавчето тргнете го од огнот.
- Карфиолот исечете го на мали цветови и ставете го во вода која врие. Варете го кратко околу 3 до 4 минути.
- Во тавата за печење ставете еден ред од обарениот карфиол, а над него распоредете го пропрженото месо. Врз месото наредете го преостанатиот карфиол.
- Во тавата налејте млеко, така што тоа треба да биде малку над карфиолот.
- Тавата со карфиолот ставете ја да се пече во загреана рерна на 220 степени. Штом карфиолот омекне и се зарумени, изматете 4 до 5 јајца. Матените јајца додајте ги во тавата со карфиолот и продолжете со печењето уште 5 минути.
- Готовата мусака од карфиол послужете ја додека е топла. На здравје!
Рецептот го испратил: Елена Мачковска.
Ви предлагаме да прочитате: Запечен карфиол со ќофтиња и кашкавал.