И во деновите на пост, може да уживате во вашето омилено јадење – пицата. Благодарение на Катерина, сега може да си направите вкусна посна пица со туна и печурки.
Наведените состојки во рецептот се доволни за две пици. Комбинацијата на доматна салца, туна, кромид, печурки и оригано, дава посебен вкус на оваа пица, а добро е што може да експериментирате во кујната и да додавате состојки по ваша желба. Ние ви предлагаме сечкани домати, пиперки или маслинки, а Катерина го испроба овој рецепт и со додаток од сечкана тиквичка.
Состојки:
- 400 гр брашно
- ¼ коцка пивски квасец
- ½ лажичка сол
- 4 лажици маслиново масло
- 200-220 мл топла вода
- 6 лажици доматна салца
- 320 гр туна од конзерва (во парчиња исцедена од маслото)
- 1 главица кромид
- 400 гр свежи шампињони
- по потреба оригано.
Подготовка:
- Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, солта, маслиновото масло и додавајте топла вода по потреба. Замесете многу меко тесто.
- Тестото поделете го на 2 дела и оставете го во длабоки садови во кои ќе ставите по 1 лажичка маслиново масло.
- Садовите со тестото покријте ги со најлонска фолија и оставете ги во фрижидер да одстојат (најдобро преку ноќ).
- Во меѓувреме кромидот исечкајте го ситно, а шампињоните исечете ги на тенки листови.
- Од нараснатите тестата за пица со помош на рацете формирајте тенки кори и ставете ги во набрашнета тава за печење.
- Врз тестото ставете доматната салца и наросете оригано.
- Потоа, додајте ја туната, ситно сечканиот кромид и листовите шампињони.
- Посните пици попрскајте ги со маслото исцедено од туната и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, прво во долниот дел на шпоретот за време од 10минути, а потоа уште 10 минути на средната решетка. Печената посна пица извадете ја од рерна, оставете ја кратко време да се излади и послужете ја додека е топла. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска
Ви предлагме да прочитате: Кашел пица со маслинки.